Solidarnost za Utrinski

Почитувани колеги,
Ви се обраќаме како на членови на ССНМ и како на  медиумски работници кои се соочувате со лошите работни услови во овој сектор .За жал, колеги, доаѓа уште полошо време, уште поголеми отпуштања, кратења, штедења, затворања на медиуми. Ние немаме друг избор освен да се здружиме во онаа точка во која не се разликуваме – во барањето пристојни плати и пристојни услови за работа.

Вработените во Утрински весник веќе подолг период се соочуваат со закана за отпуштања за кои се стравува дека се само почеток на крајот на целиот весник. Неизвесноста и фактот дека менаџментот одбиваше да влезе во вистински преговори со синдикатот и само ги информираше  луѓето за одлуките кои се носат, во петокот предизвика спонтан прекин на работата на мнозинството колеги.

Но, прекинот на работата не е цел сама за себе. Никој, а најмалку колегите од Утрински весник сакаат да го уништат сопствениот медиум. Тие само бараат во целата „операција“  преку своите претставници  да имат право на глас и да бидат навремено информирани. Со други зборови, бараат од менаџментот висински преговори, а не да бидат изолирани од случувањата, игнорирани и селективно информирани само за имиња на тие кои ќе ја изгубат работата во првата група.

Синдикатот е тука тоа да го овозможи и целосно стои зад своите членови од Утрински весник. Но, синдикатот не е еден човек, синдикатот е секој негов член поединечно.

Затоа Ве повикуваме да го дадете својот придонес.

Не бараме од Вас ништо што би го загрозило вашето работно место или вашата позицијата. Бараме само да изразите солидарност со колегите од Утрински весник кои се во борба за преговори, во борба за достоинствено решавање на проблемите.

Се што треба да направите е да  потпишете ИЗЈАВА ЗА СОЛИДАРНОСТ
Таа нема само симболично значење, туку:
1. На колегите од Утрински весник ќе им покаже дека не се сами
2. На раководството на МПМ ќе му покаже дека никој од вработените во компанијата која ја раководат не сака да дојде во таква ситуација
3. На јавноста,но и на сите оние  кои во медиумите гледаат алатка за остварување на своите интереси ќе им покаже дека знаеме да се обединиме и дека сме на пат да станеме силни

Нашите синдикални активисти  деновиве ќе дојдат и до Вас со изјавата за солидарност.
Приклучете се!
Тој мал гест денес, утре може да биде причина која ќе спречи и Вие да дојдете во ситуацијата во која сега се други колеги!